Економија

ПОСТРОГИ УСЛОВИ ЗА КРЕДИТИ ЗА ВТОР СТАН: Пократка отплата и помал износ од вторник

Од вторник се воведуваат построги услови за кредити за втор и трет стан. Рокот за отплата се скратува на 25 години, а за прв стан условите остануваат исти.

ПОСТРОГИ УСЛОВИ ЗА КРЕДИТИ ЗА ВТОР СТАН: Пократка отплата и помал износ од вторник

Од вторник стапуваат во сила нови правила за станбените кредити, со кои се воведуваат построги услови за граѓаните што веќе поседуваат недвижност и сакаат да купат втор или трет стан. Тие ќе можат да добијат помал кредит, а рокот за отплата ќе биде ограничен на најмногу 25 години, наместо досегашните 30. Се намалува и делот од месечната плата што може да се издвојува за отплата на кредитните рати. За граѓанин со плата од 60.000 денари, тоа значи 3.000 денари помалку расположливи средства за кредит. За купување прв стан, условите остануваат непроменети: за недвижност од 100.000 евра потребно е учество од најмалку 10.000 евра, а кредитот може да се отплаќа 30 години.

Народната банка сака да го ограничи задолжувањето

Со измените, Народната банка настојува да го ограничи прекумерното задолжување на граѓаните. Паралелно, Владата подготвува законски решенија со кои младите брачни парови ќе можат да купат стан по цена 20 проценти пониска од просечната пазарна. Условот е најмалку еден од сопружниците да има до 35 години, а цената на квадратниот метар ќе зависи од општината во која се купува недвижноста. Според пратеничката Катерина Димитровска од ВМРО-ДПМНЕ, инвеститорите ќе треба да издвојат 10 проценти од станбената површина за купувачите кои ги исполнуваат законските услови, а предвидено е и ослободување од комуналии.

Опозицијата прашува како ќе се спречи растот на цените

Од СДСМ велат дека ќе ги разгледаат законските решенија пред да одлучат дали ќе ги поддржат. Пратеничката Сања Лукаревска оценува дека помошта за младите е добредојдена, но прашува како ќе се спречи постојаниот раст на цените на становите. Иако во земјава се градат околу 30.000 станови, нивната продажба забавува, додека расте интересот за изнајмување. Сепак, цените не бележат пад, а становите во Скопје за една година поскапеле за повеќе од 10 проценти.

Жан Митрев