Хроника
Дознај прв
ОСВЕТЕН КРСТ ВО КОЧАНИ: Спомен-обележје за прерано починатите во „Пулс“
Во Кочани беше осветен крстот поставен во близина на опожарениот објект „Пулс“, во спомен на трагедијата од 16 март 2025 година.

По повод Петровден, празникот на Кочани, вчера беше осветен челичниот крст поставен на западниот влез во градот, на само неколку метри од опожарениот објект „Пулс“. Крстот е висок 17 метри и широк 12 метри, а го освети митрополитот Брегалнички г. Иларион со црковнослужителите од храмот „Св. вмч. Георгиј“.
Крстот има двојно значење
На осветувањето присуствуваа градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов, родители на настраданите деца во трагедијата од 16 март 2025 година и голем број верници. Беше истакнато дека спомен-обележјето има двојно значење – како симбол на верата и надежта, но и како трајно потсетување на болката што ја одбележа трагедијата.
Митрополитот Иларион порача дека крстот ќе сведочи за победата над смртта и злото, но и ќе остане како знак на утеха, сила и поткрепа за семејствата и за целиот град. Тој упати молитва за здравје и закрепнување на повредените и за мир и заедништво меѓу граѓаните.
Изграден со поддршка од повеќе страни
Крстот е изграден со поддршка од Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани. Локалната самоуправа ја обезбедила проектната документација, одобрението за градба и решението за поставување на спомен-обележјето.
Со осветувањето крстот стана ново меморијално место во Кочани кое ќе потсетува на трагедијата, но и на потребата од сплотеност, вера и почит кон жртвите.
