Македонија

СИЛНО НЕВРЕМЕ ГО ПОГОДИ ДЕЛЧЕВО: Евакуирани жители, паднати дрвја и оштетени покриви

Силно невреме предизвика штети во Делчево, при што беа евакуирани жители, паднаа дрвја, а оштетени се покриви и електрични бандери.

СИЛНО НЕВРЕМЕ ГО ПОГОДИ ДЕЛЧЕВО: Евакуирани жители, паднати дрвја и оштетени покриви

Силно невреме го зафати Делчево и предизвика материјални штети на повеќе локации во градот.

Најсериозно бил оштетен покрив на еден објект, а надлежните служби се на терен и работат на санација и расчистување на последиците. Засега нема информации за повредени лица, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Дел од жителите биле безбедно евакуирани

Поради невремето, дел од жителите, меѓу кои имало и деца, биле безбедно евакуирани.

На повеќе патни правци паднале дрвја, поради што во акцијата за расчистување се вклучиле Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи и екипи со специјализирана механизација.

На терен треба да се приклучи и екипа од шумското стопанство со шест вработени и моторни пили, кои ќе ги отстрануваат паднатите дрвја и ќе работат на повторно воспоставување на нормалната проодност на патиштата.

Оштетени бандери и лимени покриви

Невремето предизвикало штети и на електроенергетската инфраструктура, при што биле оштетени неколку бандери во повеќе населби.

Оштетени биле и лимени покриви во населбата Расадник и во централното градско подрачје.

Екипите на противпожарната единица интервенираат за безбедно отстранување на оштетените делови, особено на фреквентните локации во центарот на Делчево.

Надлежните ги повикаа граѓаните кои сакаат да помогнат прво да се пријават во противпожарната единица или во Центарот за управување со кризи, за да добијат насоки за безбедно вклучување во акцијата.

ОЗНАКИ: Делчево