Македонија

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ИНДИЈА ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ И ОХРИД: Ќе биде откриена биста на Махатма Ганди

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, денеска престојува во Скопје и Охрид, а во главниот град ќе биде откриена и биста на Махатма Ганди.

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ИНДИЈА ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ И ОХРИД: Ќе биде откриена биста на Махатма Ганди

Претседателката на Индија, Друпади Мурму, денеска ја продолжува официјалната посета на Македонија со богата агенда во Скопје и Охрид. Станува збор за прва посета на индиски претседател на земјава од нејзиното осамостојување.

Средби и церемонија во Скопје

Мурму ќе биде пречекана од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по што се предвидени средби и активности насочени кон продлабочување на односите меѓу двете држави. Двете претседателки ќе ја посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на Град Скопје. Во рамки на посетата ќе се обратат на церемонијата на која ќе биде откриена биста на Махатма Ганди.

Индиската претседателка ќе положи цвеќе и пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Официјалната посета вклучува и средби со претставници на државниот врв, како и активности поврзани со унапредување на политичката и економската соработка.

Посета на Охрид

Во вториот дел од денешната агенда, претседателката Мурму ќе престојува во Охрид. Поради посетата, во градот се преземаат засилени безбедносни мерки и се воведува посебен режим на сообраќај на улиците и патиштата по кои ќе се движи делегацијата.

Надлежните апелираат до граѓаните и возачите да ги почитуваат наредбите на полициските службеници и поставената сообраќајна сигнализација.

Жан Митрев