Скопје
Дознај прв
ВЕТРОТ ШТО ГО ПОГОДИ СКОПЈЕ БИЛ СО ЈАЧИНА НА УРАГАН: Достигнал брзина од 130 километри на час
Ветерот што вчера го погоди Скопје достигнал брзина од 130 километри на час и бил во категоријата оркан, односно ураган, соопшти УХМР.

Силниот ветер што вчера попладне го зафати Скопје достигнал брзина од 130 километри на час, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Според класификацијата за јачина на ветерот, оваа брзина спаѓа во категоријата оркански ветер, односно ураган.
Оркански удар регистриран во 16:10 часот
На автоматската метеоролошка станица во Скопје, во 16:10 часот бил регистриран максимален удар на ветерот од 130 километри на час, со правец север-северозапад. Од УХМР појаснуваат дека како оркан или ураган се класифицира ветер чија брзина надминува 118 километри на час. Станува збор за екстремно силен ветер кој многу ретко се појавува на оваа територија и може да предизвика значителни штети.
Во Штип измерени 134 километри на час
Ветер со брзина од 130 километри на час бил регистриран и во Ново Село, Струмичко. Најсилниот удар во земјава бил измерен во Штип, каде ветерот достигнал брзина од 134 километри на час. Од УХМР наведуваат дека измерените вредности биле приближни до историските рекорди и дека во повеќе градови биле регистрирани оркански удари. Невремето предизвика голема материјална штета, при што беа оштетени автомобили, покриви, семафори и други објекти, а беа откорнати и голем број дрвја. Во невремето имаше и повредени граѓани.

