Економија

БМЗ СТАВА КЛУЧ НА ФАБРИКАТА ВО ИЛИНДЕН: Без работа остануваат 89 лица

БМЗ до крајот на 2026 година ја затвора фабриката во Илинден и го сели производството во Полска, а без работа остануваат 89 лица.

БМЗ СТАВА КЛУЧ НА ФАБРИКАТА ВО ИЛИНДЕН: Без работа остануваат 89 лица

Германската компанија БМЗ до крајот на 2026 година ќе го затвори производствениот погон во Илинден и производството на литиумски батериски системи ќе го префрли во Полска. Со затворањето на фабриката без работа треба да останат 89 вработени. Од компанијата соопштиле дека одлуката била донесена по сеопфатна економска анализа и е дел од консолидацијата на европското производство.

Беа најавени инвестиција од 65 милиони евра и 775 вработувања

БМЗ во 2023 година беше претставена како инвестиција вредна 65 милиони евра, со која требаше да бидат отворени 775 работни места. Беа најавени и просечна бруто-плата повисока од 1.200 евра, како и годишен извоз поголем од 360 милиони евра. Една година подоцна беше поставен камен-темелникот на новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2, при што компанијата најави 40 производствени линии и меѓу 700 и 1.000 вработени. Сепак, во 2025 година компанијата имала 122 вработени, приходи од околу 34 милиони евра и загуба од приближно 11,7 милиони евра.

Се бара нов инвеститор за погонот

Матичната групација во октомври 2025 година влегла во постапка за самоуправувана несолвентност, а новото раководство најавило реструктурирање и намалување на трошоците. За проектот била предвидена државна помош од 28,7 милиони евра, но засега нема јавно објавени детали колкав износ бил исплатен и дали ќе се бара враќање на средствата. Од ТИРЗ соопштиле дека постоечки инвеститор покажал интерес да преземе дел од работниците, а се водат разговори и со друга европска компанија за преземање на погонот.