Македонија
Дознај прв
МУЦУНСКИ: Се водат разговори „под радарот“ за одблокирање на европскиот пат
Тимчо Муцунски откри дека се водат разговори „под радарот“ за трајно одблокирање на европскиот пат, но порача дека нема решение по секоја цена.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека се водат разговори „под радарот“ за пронаоѓање трајно и одржливо решение со кое би се одблокирал европскиот пат на Македонија. Тој во интервју за МИА не откри повеќе детали, оценувајќи дека нивното јавно споделување би можело да ги осуди разговорите на неуспех. Според Муцунски, Владата има јасно определени црвени линии и не е подготвена да преговара за прашањата поврзани со македонскиот идентитет, историја, јазик и култура.
„Не бараме решение по секоја цена“
Муцунски нагласи дека се работи на решение, но не на договор кој би бил постигнат по секоја цена или би создал нови ризици во иднина. Тој порача дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи Владата, како што рече, го следи нивниот став и знае врз каков легитимитет е избрана. Министерот оцени дека за европските интеграции е неопходен широк политички консензус, но ја обвини опозицијата дека со одлуките од 2021 и 2022 година придонела земјата да се најде во сегашната положба.
Предизвикот со Бугарија останува
Во однос на критиките дека Македонија назадува на европскиот пат, Муцунски изјави дека државата бележи напредок во спроведувањето на внатрешните реформи. Тој посочи дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и дека прва во регионот потпишала партнерство за одбрана и безбедност со ЕУ. Сепак, според него, останува предизвикот со Бугарија, за кој оцени дека е вештачки создаден и на чие надминување Владата продолжува да работи.
