Хроника

ВИДЕО: Почина д-р Никола Стојановски – доајенот на македонската медицина и сведок на создавањето на независна Македонија

На 103 години почина д-р Никола Стојановски, педијатар, поранешен директор на болницата во Велес и претседавач на првото повеќепартиско Собрание.

ВИДЕО: Почина д-р Никола Стојановски – доајенот на македонската медицина и сведок на создавањето на независна Македонија

На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, еден од најпочитуваните македонски лекари, педијатри и општествени дејци. Роден е на 8 февруари 1923 година во велешкото село Скачинци, а својот 103. роденден го прослави во февруари годинава. Стојановски беше долгогодишен педијатар и директор на болницата во Велес, пратеник во првиот парламентарен состав и долгогодишен претседател на Сојузот на борците.

Целиот работен век им го посветил на децата

Медицинскиот факултет во Белград го завршил во 1952 година, додека специјализацијата по педијатрија ја завршил во Загреб во 1958 година. Речиси целиот професионален живот го поминал како педијатар и хематолог во Велес, каде што го отворил и раководел Педијатриското одделение. Долги години бил и управник на Медицинскиот центар во Велес, а зад себе оставил повеќе од 90 стручни трудови и значаен придонес за развојот на здравството во градот.

Претседаваше со првото повеќепартиско Собрание

Како највозрасен пратеник, на 8 јануари 1991 година Стојановски претседаваше со конститутивната седница на првото повеќепартиско Собрание на Македонија. Тој беше и учесник во Народноослободителната борба, а со години се залагаше за зачувување на антифашистичките вредности и историската меморија. Лекарската комора на Македонија во 2023 година со свеченост го одбележа неговиот 100. роденден. Дел од неговата животна приказна и сведоштва се зачувани и во емисијата снимена од продукцијата „Види Вака“ во 2023 година.