Хроника

НА 103 ГОДИНИ ПОЧИНА Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ: Претседаваше со првото повеќепартиско Собрание на Македонија

На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, првиот претседавач на повеќепартиското Собрание и последниот жив партизан од НОБ.

НА 103 ГОДИНИ ПОЧИНА Д-Р НИКОЛА СТОЈАНОВСКИ: Претседаваше со првото повеќепартиско Собрание на Македонија

На 103-годишна возраст почина д-р Никола Стојановски, потврди неговото семејство. Стојановски беше првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија и последниот жив партизан – учесник во Народноослободителната борба. Како највозрасен пратеник, на 8 јануари 1991 година ја водеше конститутивната седница на првиот повеќепартиски парламент, сè до изборот на Стојан Андов за претседател на Собранието.

Учесник во НОБ и борец за македонскиот јазик

Д-р Стојановски бил учесник и во штрајкот на велешките гимназијалци во март 1942 година, организиран против употребата на бугарскиот јазик во наставата. Долги години беше претседател на Сојузот на борците и остана посветен на зачувувањето на споменот за антифашистичката борба и македонската државност. Во своите јавни настапи често зборуваше за историското значење на НОБ и за потребата младите генерации да ја познаваат историјата.

Целиот работен век го посветил на медицината

Никола Стојановски е роден на 8 февруари во велешкото село Скачинци, а во 1952 година дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград. Специјализацијата по педијатрија ја завршил во Загреб во 1958 година, по што целиот работен век го поминал како лекар. Дел од кариерата бил и директор на Велешката болница, а меѓу велешани останал запаметен како почитуван доктор и педијатар. Местото и времето на погребот ќе бидат соопштени дополнително.