Скопје

ПЕСНА, НОСТАЛГИЈА И ДОБРА АТМОСФЕРА ВО КАРПОШ: „Дац и Александар“ ги забавуваа скопјани

„Дац и Александар“ настапија на „Карпошовото културно лето“, а специјални гости беа сестрите Маријана и Росана.

ПЕСНА, НОСТАЛГИЈА И ДОБРА АТМОСФЕРА ВО КАРПОШ: „Дац и Александар“ ги забавуваа скопјани

Платото кај „Млечен“ во Карпош синоќа беше исполнето со музика и посетители во рамки на „Карпошовото културно лето“. Главни музички гости беа познатото дуо „Дац и Александар“, кои пред публиката ги изведоа своите авторски хитови и преработки на познати македонски песни. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој порача дека манифестацијата е можност за дружење и поврзување на различни генерации карпошани.

Изненадување на вечерта беа Маријана и Росана

Добрата атмосфера дополнително ја збогатија сестрите Маријана и Росана, кои со своите најпознати песни ја вратија публиката во деведесеттите години. Заедно со „Дац и Александар“ тие ја изведоа и нивната заедничка песна „Засекогаш млади“, предизвикувајќи позитивни реакции кај присутните.

Карпошовото културно лето продолжува

Во рамки на програмата, до 27 август се одржува и 47. Меѓународен студентски фолклорен фестивал „Фестивал на солидарноста“, со учество на ансамбли од Мексико, Унгарија, Романија, Полска и Турција. Паралелно продолжува и програмата на отвореното кино во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, каде граѓаните можат да гледаат македонски филмови.