Македонија

Случајот „Онкологија“ повторно пред суд: Тројца лекари седнаа на обвинителна клупа

Во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за „Онкологија“, во кое тројца лекари се обвинети за несовесно лекување на пациенти.

Случајот „Онкологија“ повторно пред суд: Тројца лекари седнаа на обвинителна клупа

Продолжува судењето за несовесно лекување на Онкологија

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Онкологија“, во кој се обвинети поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Тројцата се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување пациенти. Според обвинението, кај вкупно 47 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба. Судењето го води судијката Снежана Марковска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓоргева.

Вештакот зборуваше за последиците од терапиите

На претходното рочиште бил сослушан вештакот Владимир Даниловски, кој објаснил дека неговото вештачење не се однесувало на изборот на терапијата, туку на можните последици од применетото лекување. Тој посочил дека треба да се утврди дали постоела конкретно докажана штета, дали терапијата довела до влошување на состојбата или го забрзала фаталниот исход. Во постапката претходно била обвинета и онкологот Мери Пешевска, која признала вина и добила две години условна казна затвор.