Свет

(ВИДЕО) АНТАЛИЈА ГОРИ: Евакуирани стотици жители, големи пожари беснеат во туристичкиот регион

Големи шумски пожари беснеат во Анталија, Турција. Силен ветер го шири огнот, евакуирани се стотици жители, а чадот стигна и до Кемер.

(ВИДЕО) АНТАЛИЈА ГОРИ: Евакуирани стотици жители, големи пожари беснеат во туристичкиот регион

Големи шумски пожари беснеат во турската провинција Анталија, а силниот ветер дополнително го отежнува нивното гаснење. Пожарот што избувна во областа Аксу брзо се прошири кон соседниот Кепез, при што беа евакуирани 254 домови, односно околу 720 жители. На терен се ангажирани повеќе од 1.000 пожарникари и припадници на службите, со десетици противпожарни возила, авиони и хеликоптери кои интервенираат од воздух и од земја. Снимките од пожарот покажуваат огромни огнени јазици и густ чад кој се издигнува над шумските предели, создавајќи драматични и речиси апокалиптични сцени. Во пожарите во регионот едно лице починало откако добило срцев удар по изложеност на чад, додека повеќе лица биле повредени или побарале медицинска помош поради вдишување чад.

Димот стигна и до туристичките места

Иако дел од пожарите во провинцијата се ставени под контрола, интервенциите продолжуваат во Аксу, додека силниот ветер и понатаму претставува сериозен проблем. Според локални и туристички извештаи, чад и мирис на гареж се забележуваат и во популарните туристички места како Кемер и Текирова.

Пожарникарите непрекинато се борат со огнот

Екипите продолжуваат со гаснење од воздух и од земја, а во помош се вклучени и локални жители кои со трактори и цистерни помагаат во транспортот на вода. Турските власти продолжуваат да ја следат состојбата и да преземаат мерки за заштита на населението и имотите во погодените подрачја.

Жан Митрев