Македонија
Дознај прв
БИТОЛА ГО ОТВОРА 47. „БРАЌА МАНАКИ“: Фестивалот почнува со македонската премиера на филмот на Дина Дума
Во Битола вечерва почнува 47. „Браќа Манаки“ со македонската премиера на „Скејтањето не е за девојчиња“ на Дина Дума.

Девет дена филмска магија во Битола
Вечерва во Битола започнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Свеченото отворање ќе се одржи од 20 часот во Центарот за култура, со македонската премиера на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума. Филмот е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и ја следи приказната за три генерации жени од Шуто Оризари, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела. Светската премиера филмот ја имаше во јуни на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, а во август ја освои Специјалната награда за младинска перспектива на Филмскиот фестивал во Сараево.
Џеф Кроненвет и Дан Лаустсен со „Златна камера 300“
Фестивалот ќе трае до 25 септември, а меѓу главните гости и лауреати се американскиот кинематографер Џеф Кроненвет и данскиот кинематографер Дан Лаустсен. Кроненвет, познат по соработката со режисерот Дејвид Финчер, ќе ја добие наградата „Златна камера 300“, исто како и Лаустсен. Во програмата се вклучени повеќе филмски проекции и придружни настани, а фестивалот ќе биде затворен со македонската премиера на дебитантскиот филм на Срѓан Јаниќијевиќ „Нема да ви се верува што се случи претходно“.
