Спорт
Дознај прв
СКОПСКО ДЕРБИ НА ФФМ: Вардар го пречекува хитот Шкендија Арачиново
Вардар вечерва ја пречекува Шкендија Арачиново во 8. коло од ПМФЛ. Дуелот на ФФМ започнува од 20 часот и ќе се игра без публика.

Дуел на петтопласираниот и четвртопласираниот
Вардар вечерва од 20 часот на теренот на ФФМ ќе ја пречека Шкендија Арачиново во натпревар од 8. коло во Првата македонска фудбалска лига. Ова ќе биде прв официјален меѓусебен натпревар на двата тима во ПМФЛ, со оглед дека Шкендија Арачиново ја игра дебитантската сезона во елитното друштво. Интересно е што пред овој дуел гостите имаат два бода повеќе од Вардар и се наоѓаат на четвртото место со 13 бодови, додека „црвено-црните“ се петти со 11. Шкендија Арачиново досега остави добар впечаток и се наметна како едно од изненадувањата во досегашниот дел од сезоната.
Вардар без публика поради казната
Вардар на овој натпревар ќе биде предводен од тренерот Миодраг Божовиќ, кој на клупата дебитираше со победа против Арсими, но потоа загуби од Башкими во Куманово. Натпреварот ќе се игра без присуство на публика поради казната изречена на Вардар по случувањата на мечот со Арсими. Главен судија на средбата ќе биде Доне Ристовски, а од таборот на Шкендија Арачиново најавуваат силен настап против македонскиот фудбалски гигант.
