Македонија

БУГАРИЈА НЕ САКА ДА ЈА ЕКСТРАДИРА ИВА МИХАЈЛОВА: Нема издадено црвена потерница од Интерпол

Бугарија го добила барањето за апсење и екстрадиција на Ива Михајлова, но наведува дека нема црвена потерница од Интерпол.

БУГАРИЈА НЕ САКА ДА ЈА ЕКСТРАДИРА ИВА МИХАЈЛОВА: Нема издадено црвена потерница од Интерпол

Бугарија засега не ја екстрадира Ива Михајлова во Македонија, иако македонските власти бараат нејзино пронаоѓање, апсење и предавање. Бугарското Министерство за внатрешни работи потврдило дека на 13 октомври го добило известувањето од Интерпол-Скопје за барањето поврзано со Михајлова. Во известувањето се наведува дека против неа е издадена наредба за апсење од Основниот суд во Кочани. Бугарските власти, сепак, посочуваат дека нема издадено црвена потерница од Интерпол, поради што засега не презеле активности за нејзино лоцирање во Бугарија.

Бугарија се повикува на уставните ограничувања

Дополнителна пречка за екстрадицијата е бугарското законодавство, кое предвидува ограничувања за предавање бугарски државјани на друга држава за кривично гонење. Случајот е поврзан со сообраќајната несреќа со смртни последици во Кочани, за која Михајлова е обвинета. Македонските институции претходно побараа нејзино приведување и екстрадиција, а случајот предизвика и реакции на дипломатско ниво.

Случајот отвора прашања за соработката меѓу двете држави

Одлуката на бугарските институции повторно го отвора прашањето за правната и полициската соработка меѓу Македонија и Бугарија во случаи кога осомничени или обвинети лица се наоѓаат надвор од државата. Засега нема информација дека е започната постапка за нејзино предавање на македонските власти, а останува да се види дали ќе бидат исполнети условите за понатамошно постапување по барањето.