Македонија

АХВ ПРЕДУПРЕДУВА ПОРАДИ ЖЕШТИНИТЕ: Зголемен ризикот од труење со храна

АХВ предупредува дека температурите до 40 степени го зголемуваат ризикот од труење со храна и објави препораки за нејзино безбедно чување.

АХВ ПРЕДУПРЕДУВА ПОРАДИ ЖЕШТИНИТЕ: Зголемен ризикот од труење со храна

Со најавените температури до 40 степени во наредните денови значително се зголемува ризикот од труење со храна, предупредуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Граѓаните треба да бидат особено внимателни при купувањето, транспортот, чувањето и подготовката на прехранбените производи. Храната треба да се купува само од проверени продажни места, каде што производите од животинско потекло се чуваат во соодветни разладни уреди.

Расипливата храна да не се остава во автомобил

Од АХВ советуваат да не се купуваат производи со оштетена или надуена амбалажа, а разладената и замрзнатата храна да се зема на крајот од пазарењето. Месото, млекото и јајцата не треба долго да се оставаат во автомобил или на високи температури. Разладената храна треба да се чува под пет степени, додека храната што се подготвува термички треба добро да се зготви на температура повисока од 60 степени.

Внимателно со мајонезот, сосовите и салатите

Овошјето и зеленчукот треба темелно да се измијат, а зготвената храна брзо да се излади и да се стави во фрижидер. Зготвените производи треба да се чуваат на горните, а суровите на долните полици за да се спречи меѓусебна контаминација. Во објектите за брза храна се препорачува да се избегнуваат мајонез, крем-салати, сосови и преливи доколку не се чуваат во ладилник. Од АХВ апелираат храната веднаш да се фрли доколку постои сомневање дека не е безбедна.

Жан Митрев