Регион
Дознај прв
„АКО УМИРАМЕ, ЌЕ УМРЕМЕ ЗАЕДНО“: Србинка раскажа како го спасувала сопругот да не излета низ прозорецот на авионот на „Рајанер“
Светлана Грковиќ раскажа како го држела сопругот за нозете за да не излета низ оштетениот прозорец на авионот на „Рајанер“.

Светлана Грковиќ раскажа како во последен момент го спасувала својот сопруг Љубиша Каровиќ да не излета низ оштетениот прозорец на авионот на „Рајанер“. Инцидентот се случил на 10 јули, на летот од Солун кон Меминген, набргу по полетувањето.
Половина од телото му било надвор од авионот
Според нејзиното сведоштво, половина од телото на 61-годишниот Љубиша штрчело надвор од авионот, а тој околу две минути бил извлечен до градите. Светлана веднаш го зграпчила за нозете, додека девојката која седела до него го држела за рака.
„Ако умираме, ќе умреме заедно“, помислила таа во моментите на паника. Со помош на уште двајца патници успеале да го повлечат назад во кабината, а според неа, тој трипати ја изгубил свеста. Во авионот паднале маските за кислород и настанал хаос, додека обидот прозорецот да се покрие со куфер не успеал.
Сопругот е сериозно повреден
Светлана изјавила дека нејзиниот сопруг е сериозно повреден и во шок. Особено тешко му била повредена раката, имал и изгореници, а не можел целосно да комуницира и не се сеќавал на целиот настан.
Според неа, изгледало како дел од моторот да се откинал и да удрил во прозорецот, по што дошло до декомпресија во кабината, но ова засега не е потврдено од истражителите. Авионот нагло се спуштил од височина од околу 2.700 метри и безбедно се вратил на аеродромот во Солун.
Од „Рајанер“ соопштиле дека прозорецот кај еден од патниците се изместил за време на летот, по што авионот нормално слетал, а еден патник добил медицинска помош. Во истрагата се вклучени повеќе меѓународни воздухопловни власти, бидејќи авионот е произведен во САД, а инцидентот се случил во воздушниот простор на Македонија.
