Македонија
Дознај прв
АЛТА БАНКА ПОД ПРИВРЕМЕНА АДМИНИСТРАЦИЈА: Ограничувањата може да траат до три месеци, се бара нов сопственик
Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола. Лимитот за повлекување е 10.000 денари неделно, а се бараат нови инвеститори.

Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола, откако нејзината матична банка во Белград остана без дозвола за работа. Управувањето со имотот на битолската банка привремено го презедоа три лица именувани од Народната банка, а мерката стапи во сила веднаш. Гувернерот Трајко Славески објасни дека одлуката е донесена поради случувањата со акционерот со квалификувано учество – „Алта банка“ АД Белград, и има за цел да ги заштити имотот и интересите на штедачите.
Зошто се воведени ограничувањата кон Алта Банка?
На 31 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на белградската банка, наведувајќи влошување на финансиската состојба и ризици за ликвидноста. Според Славески, „Алта банка“ Битола има обврски од околу еден милион евра кон матичната компанија, но тој износ не ја загрозува нејзината ликвидност. Во изминатиот период биле забележани повлекувања од шалтерите и банкоматите во висина од околу два милиони евра, поради што е воведен неделен лимит од 10.000 денари за одлив од сметките на физичките лица преку платежните картички. Интерните плаќања меѓу сметките на клиентите во рамки на банката остануваат неограничени, а корисниците на кредити треба редовно да ги исполнуваат своите обврски.
Се бараат нови инвеститори, СДСМ бара истрага
Привремените мерки може да траат најмногу три месеци, но Славески очекува состојбата да се реши и порано, бидејќи, според него, има заинтересирани лица за купување на акциите на банката. Во меѓувреме, во Србија случајот доби и поширока димензија, откако Обвинителството за организиран криминал побара информации за странските трансакции на банката, а поранешниот генерален секретар на Здружението на банки на Србија, Верољуб Дугалиќ, постави прашања за времето во кое биле утврдени проблемите. Од СДСМ, пак, побараа обвинителството да отвори кривична постапка против премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Славески и сите инволвирани во процесите околу банката, изнесувајќи обвинувања за нејзината поврзаност со политички и финансиски интереси. Славески апелираше да се избегнуваат изјави што можат да предизвикаат непотребна загриженост кај граѓаните, нагласувајќи дека Народната банка продолжува да ја следи состојбата.
