Македонија
Дознај прв
ДЗР: Неефикасното управување и постапување со работните спорови ја чинело државата над 64 милиони евра за пет години
ДЗР утврди дека државата исплатила 64,4 милиони евра за работни спорови од 2020 до 2025 година, додека бројот на предмети речиси тројно пораснал.

ДЗР утврди сериозни системски недостатоци
Над 64,4 милиони евра биле исплатени од државниот буџет за работни спорови во периодот од 2020 до 2025 година, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Од вкупната сума, 33,2 милиони евра се однесуваат на главниот долг, додека 31,1 милиони евра се за камати, трошоци на парничната постапка и извршни трошоци. Во истиот период бројот на активни судски предмети пораснал од 9.361 во 2021 година на 24.556 во 2025 година, односно речиси трипати. Ефикасноста во решавањето на предметите, според ревизорите, се движи меѓу 17 и 19 проценти годишно. Дури 95,36 отсто од исплатените средства биле наплатени принудно преку извршни налози, додека само 4,64 проценти биле платени доброволно. ДЗР утврдил дека државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, како и дека во институциите недостига анализа на причините за нивното покренување.

ДЗР бара реформа и подобро следење
Ревизорите утврдиле и недостатоци во кадровските капацитети на Државното правобранителство, кое во 2025 година имало 57 именувани правобранители од предвидените 72. ДЗР препорачува итна реформа на законската рамка, зајакнување на превенцијата и воспоставување систем за аналитичко следење и управување со финансиските ризици од работните спорови.
