Скопје

(ФОТОГАЛЕРИЈА) АЕРОДРОМ ОБОЕН ВО ЦРВЕНО И ЖОЛТО: 35 цитати од македонските автори овековечени низ општината

35 цитати од македонски автори се овековечени на ѕидови и трансформатори низ Аеродром по повод 35 години независност на Македонија.

(ФОТОГАЛЕРИЈА) АЕРОДРОМ ОБОЕН ВО ЦРВЕНО И ЖОЛТО: 35 цитати од македонските автори овековечени низ општината

Аеродром доби нови уметнички обележја – 35 цитати од македонски автори се овековечени на ѕидовите и трансформаторите низ општината. Во изминатите неколку недели, на различни локации беа испишани мисли и стихови од Петре М. Андреевски, Ристо Крле, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Крсте Петков Мисирков и други македонски автори. Наместо неуредни ѕидови со вулгарна содржина и обични чкртаници, трансформаторите сега се претворени во уметнички површини на кои се испишани делови од македонската книжевност.

ЗБОРОВИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ АВТОРИ ДОБИЈА НОВ ЖИВОТ

Идејата на проектот е по повод 35 години независност на Македонија да бидат поставени 35 цитати од македонски автори и нивните зборови да се овековечат во јавниот простор. На новоосликаните површини може да се прочитаат мисли како „Милоста кон нашиот јазик јет наш долг и наше право“ од Крсте Петков Мисирков, „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска држава“ од Петре М. Андреевски и „Јас МАКЕДОНИЈАВА ја прогласив за вера и за храм“ од Гане Тодоровски.

аеродром цитати графити

ОД ЧКРТАНИЦИ ДО УЛИЧНА УМЕТНОСТ

Меѓу стиховите е и познатата мисла на Ацо Шопов: „Млад сум а душата ми е остарена од љубовта моја неостварена, љубовта Македонија“, која денес може да се прочита на еден од новоосликаните ѕидови во Аеродром. Зад реализацијата стои Никола Николовски – Боемот, заедно со уметникот Дамјан и уште неколку уметници и луѓе кои помогнаа проектот да се реализира. Со овој проект јавниот простор добива поинаков изглед, а стиховите и мислите на македонските автори остануваат достапни за сите граѓани. Нивните зборови денес се наш аманет и поттик да ја чуваме и негуваме нашата татковина.

Жан Митрев