Македонија

ГОЛЕМА АКЦИЈА ПРОТИВ ДРОГАТА: За еден месец приведени 241 лице, запленети над 43 килограми марихуана

Task Force на МВР за еден месец приведе 241 лице, заплени 43,3 килограми марихуана и поднесе 21 кривична пријава против 29 лица.

ГОЛЕМА АКЦИЈА ПРОТИВ ДРОГАТА: За еден месец приведени 241 лице, запленети над 43 килограми марихуана

Еден месец по формирањето на Работниот тим – Task Force за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи соопшти дека во координираните акции низ државата биле приведени 241 лице. Во истиот период биле запленети 43,3 килограми марихуана, а на граничниот премин „Деве Баир“ бил пресечен меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана. Акциите биле насочени кон откривање дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошната дистрибуција на наркотични средства.

Запленети кокаин, амфетамин и таблети

Покрај марихуаната, полицијата запленила 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш и 691,34 грама амфетамин. Одземени биле и 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД таблети, 14 таблети МДМА и 116 пакувања со различни материи што дополнително се вештачат. За еден месец биле извршени 131 претрес на домови и други простории, 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица.

Поднесени 21 кривична пријава

Во рамките на акциите биле поднесени 21 кривична пријава против вкупно 29 лица. На подрачјето на СВР Скопје биле одземени и 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштоли и шест дигитални ваги како материјални докази. Полицијата пронашла и повторно привела 41-годишен жител на Кочани, по кого била распишана меѓународна потерница откако избегал од полициска станица. Од МВР најавуваат дека активностите ќе продолжат со засилен интензитет, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.

ОЗНАКИ: дрога