Магазин
Дознај прв
КИНЕСКАТА ТРГОВСКА РАЗМЕНА ДОСТИГНА 3,75 ТРИЛИОНИ ДОЛАРИ: Силен раст на извозот и увозот
Надворешната трговија на Кина во првата половина од 2026 година порасна за 16,9 проценти и достигна вредност од 3,75 трилиони долари.

Надворешната трговија на Кина во првите шест месеци од 2026 година пораснала за 16,9 проценти на годишно ниво и достигнала вредност од 25,47 трилиони јуани, односно околу 3,75 трилиони американски долари. Со ова, Кина ја задржала позицијата на најголема светска трговска сила во размената на стоки.
Увозот растел побрзо од извозот
Кинескиот извоз во периодот од јануари до јуни пораснал за 13,4 проценти и достигнал 14,73 трилиони јуани. Увозот забележал уште поголем раст од 22,1 процент и достигнал вредност од 10,74 трилиони јуани.
Само во вториот квартал, вкупната вредност на увозот и извозот изнесувала 13,61 трилиони јуани, што претставува раст од 18,4 проценти во споредба со истиот период минатата година. Во јуни трговската размена се зголемила за 24,2 проценти, продолжувајќи го растот 17 месеци по ред.
Силен извоз на технологија и електроника
Трговската размена со земјите од иницијативата „Појас и пат“ достигнала 12,97 трилиони јуани и учествувала со повеќе од половина во вкупната надворешна трговија на Кина. Размената со Европската Унија пораснала за 10,2 проценти, додека трговијата со земјите од Централна и Источна Европа се зголемила за 11 проценти.
Особено силен раст бил забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1 процент. Извозот на високотехнолошки производи пораснал за 39 проценти, а значително зголемување било регистрирано и кај производите поврзани со вештачката интелигенција, зелените технологии и напредната опрема.
