Македонија

ДАРИО ИВАНОВСКИ СО НОВ АНГАЖМАН: Ќе ја унапредува физичката подготвеност на припадниците на Армијата

Атлетичарот Дарио Ивановски ќе биде ангажиран во Министерството за одбрана и ќе работи на физичката подготвеност на припадниците на Армијата.

ДАРИО ИВАНОВСКИ СО НОВ АНГАЖМАН: Ќе ја унапредува физичката подготвеност на припадниците на Армијата

Најдобриот македонски атлетичар и национален рекордер во маратон, Дарио Ивановски, од денеска ќе биде ангажиран во Министерството за одбрана. Тој ќе работи на унапредување на физичката подготвеност на припадниците на Армијата и ќе придонесува во работата на Советот на воени спортови.

Своето искуство ќе го пренесе на припадниците на Армијата

Од Министерството за одбрана истакнаа дека Ивановски со својата дисциплина, борбеност и спортски дух претставува пример за сите генерации. Во рамките на новиот ангажман, тој ќе има можност своето знаење, искуство и професионален пристап да ги пренесе на припадниците на Армијата.

Целта е дополнително да се подобри нивната физичка подготвеност, но и да се придонесе за развојот на воениот спорт. Министерот за одбрана му посака успех на Ивановски и оцени дека неговото искуство ќе биде значаен придонес за институцијата.

Национален рекордер и олимписки претставник

Дарио Ивановски е повеќекратен државен и балкански шампион, како и актуелен македонски рекордер во маратон, полумаратон и на повеќе средни и долги патеки. Во 2024 година на маратонот во Севиља постави македонски рекорд со време од 2:08:26.

Истата година Ивановски настапи и на Олимписките игри во Париз, со што испиша нова страница во историјата на македонската атлетика. Со новиот ангажман тој ќе продолжи да придонесува за спортот и физичката подготвеност и надвор од атлетските патеки.