Македонија
Дознај прв
КЛЕКОВСКИ ГИ ОБЈАВИ ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ГОСТИВАР: анализите за водата се во надлежност на Министерството за здравство
Министерот за здравство, Сашо Клековски ги објави анализите за водата во Гостивар и појасни кои резултати се во надлежност на Министерството.

Клековски: Резултатите се во сопственост на Министерството
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги објави резултатите од последните анализи за исправноста на водата за пиење во Гостивар. Тој на прес-конференција појасни дека станува збор за анализи кои се во сопственост на Министерството за здравство, по низата прозивки од опозицијата. Клековски нагласи дека останатите анализи треба да се побараат од институциите кои ги нарачале и ги поседуваат резултатите. Тој посочи дека одлуките во досегашниот процес биле носени врз основа на факти, а Институтот за јавно здравје дополнително издал препораки до ЈП „Комуналец“ – Гостивар. Од СДСМ, пак, продолжија со барања за одговорност од власта поради здравствената криза во градот.
Истрагата за труењето продолжува
Во меѓувреме, истрагата на обвинителството за случајот со водата во Гостивар продолжува, а според последните информации се обезбедени поголем број докази и се испитуваат сведоци. Под лупа се и финансиските средства поврзани со проектот за водоснабдување. Во притвор се директорката на локалното претпријатие Арта Асани и раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои се товарат за тешки дела против животната средина и природата. Според досегашните информации, над 5.000 жители на Гостивар завршиле во болница со симптоми на труење, а истрагата треба да утврди како дошло до здравствената криза и кој сноси одговорност.
