Македонија
Дознај прв
СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СО МАЦИНКА: македонскиот и западнобалканскиот пат кон Брисел во фокусот
Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со чешкиот министер Петар Мацинка, а во фокусот беа европската интеграција и патот кон Брисел.

Чешка ја потврди поддршката за европскиот пат
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид се сретна со чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка, кој престојува во официјална посета на Македонија. На средбата било констатирано дека македонско-чешките односи се засноваат на традиционално пријателство, меѓусебна почит и разбирање. Главна тема на разговорот бил долгогодишниот македонски и западнобалкански пат кон Брисел. Сиљановска-Давкова истакнала дека дводеценискиот кандидатски статус на Македонија за членство во ЕУ не произлегува од неусогласеност со европското право и пракса, туку од блокади со, како што посочи, ирационален идентитетски карактер. Таа нагласила дека европската интеграција на Западен Балкан не е само политичко и техничко, туку и европско безбедносно прашање.
Мацинка: Местото на Македонија е во Европската Унија
Чешкиот министер Мацинка оценил дека местото на Македонија е во Европската Унија и истакнал дека на Чешка ѝ се потребни сојузници со слично минато, менталитет и култура. Сиљановска-Давкова се заблагодарила за принципиелната и континуирана чешка поддршка преку иницијативата „Пријатели на проширувањето“, како и преку ангажманот на Чешка во Вишеградската група и форматот Славков. Двајцата соговорници оцениле дека соработката меѓу двете земји во економијата, туризмот, науката и образованието треба да продолжи, да се прошири и дополнително да се зајакне.
