Македонија

КОС ЈА ПОФАЛИ ВЛАДАТА: Во Брисел сме охрабрени и среќни за реформскиот скок на Македонија

Реформски скок на Македонија: Марта Кос порача дека Брисел е охрабрен од резултатите на Владата во реформската агенда.

КОС ЈА ПОФАЛИ ВЛАДАТА: Во Брисел сме охрабрени и среќни за реформскиот скок на Македонија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата, порача дека Македонија е меѓу земјите со најдобри резултати во спроведувањето на реформската агенда.

Кос истакна дека земјата исполнила 10 реформски барања, со исклучок на Изборниот законик, и оцени дека тоа е сериозен напредок во рамки на Планот за раст на Европската Унија. Таа нагласи дека во Брисел се охрабрени од овој реформски исчекор.

„Охрабрени сме и навистина среќни во Брисел што Македонија направи ваков скок на првите позиции кога станува збор за реформите во Планот за раст“, порача Кос.

Според неа, резултатите покажуваат дека кога има политичка волја, Владата може да испорача. Кос додаде дека за Македонија се предвидени 750 милиони евра, кои ќе бидат достапни откако реформите ќе бидат исполнети и ќе можат да се користат за граѓаните.

Еврокомесарката нагласи дека Планот за раст не е „милосрдие“, туку нов начин на кој Европската Унија соработува со земјите-кандидати преку заеми и грантови, но само доколку тие ги испорачуваат договорените реформи.

Сепак, Кос повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за почнување на преговорите и ја охрабри Владата да го започне тој процес.

Таа најави и дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, наесен ќе ја посети Македонија.

Жан Митрев