Македонија

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА КОСТАДИН КОСТАДИНОВ: Осомничен за незаконска легализација на дивоградба во Куклиш

Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, за сомнение за незаконска легализација на дивоградба во Куклиш.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА КОСТАДИН КОСТАДИНОВ: Осомничен за незаконска легализација на дивоградба во Куклиш

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште две лица поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, како и фалсификување исправа при легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш. Според Министерството за внатрешни работи, случајот се однесува на постапка од 2022 година, во која биле опфатени објекти во сопственост на Општина Струмица. Пријавени се и тогашната раководителка на Секторот за урбанизам во општината и управител на правно лице од Битола.

„СВР Струмица до ОЈО Струмица поднесе кривична пријава против К.К. (36) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело градоначалник на Општина Струмица, С.Р. (38) од Струмица, во времето на сторување на кривичното дело раководителка на Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица и Ј.П.(60) од Битола, во времето на сторување на кривичното дело управител на правно лице од Битола (сега ликвидирано) поради основано сомневање дека К.К. и С.Р. сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а Ј.П. сторил кривично дело фалсификување исправа“, се вели во соопштението од МВР.

Легализација на стовариште од 161 квадратен метар

Според полицијата, со употреба на елаборат и технички извештај со невистинита содржина било овозможено бришење на општински објекти од катастарската парцела, иако тие постоеле на терен. Потоа, на лице од Куклиш му било издадено решение за легализација на стовариште со внатрешна површина од 161 квадратен метар. Според наводите во пријавата, со ова му било овозможено и да го откупи земјиштето под објектот и да стекне сопственост врз дополнителни 866,46 квадратни метри државно земјиште.

Полицијата се повикува и на претходни судски одлуки

Од МВР посочуваат дека во постапката не биле земени предвид претходни судски одлуки поврзани со објектот. Во 2016 година, Вишиот управен суд ја одбил жалбата во врска со барањето за легализација, а во 2019 година била донесена пресуда со која било потврдено дека објектот бил изграден без соодветно одобрение за градење. Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Струмица, кое треба да постапува по случајот.