Македонија
Дознај прв
ЛЕВИЦА ЈА ТУЖИ МОН ЗА СТУДЕНТСКИОТ ОБРОК: Студентите бараат усогласување со инфлацијата и отштета од 6,5 милиони евра
Левица поднесе тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради студентскиот оброк замрзнат на 140 денари и бара усогласување со инфлацијата.

Левица поднесе тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради, како што наведува партијата, непостапувањето на Министерството за образование и наука во врска со законското усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата. Тужбата е поднесена преку група студенти, претставувани од генералната секретарка на Црвена младина, Марија Ванчева. Од партијата велат дека студентите претходно поднеле и формален приговор до МОН, барајќи исплата на усогласениот износ и надоместување на финансиската штета.
Студентскиот оброк останал на 140 денари
Според Левица, студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра поради тоа што износот на субвенционираниот оброк е замрзнат на 140 денари, иако законот предвидува усогласување со инфлацијата. Од партијата обвинуваат дека министерката Весна Јаневска, наместо конкретна одлука, одговорила дека се започнати разговори со претставници на студентските собранија. Левица претходно поднела и предлог-закон со кој предлага оброкот да изнесува еден процент од минималната плата, правото да важи за сите студенти и да се отстранат постојните ограничувања и критериуми.
Левица бараат судска заштита и надоместување на штетата
Со тужбата до Управниот суд се бара испитување на постапувањето на МОН и заштита на законските права на студентите, додека со претставката до Народниот правобранител се бара проверка на непостапувањето на Министерството. Од Левица бараат утврдување на повредата на студентските права, спроведување на обврската за усогласување на оброкот со инфлацијата и надоместување на финансиската штета. Партијата ги повика двете институции итно да постапат и порача дека студентите не смеат да останат без правна заштита поради неисполнување на законските обврски.

