Свет
Дознај прв
УАПСЕН БРАТОТ НА ВИКТОР ОРБАН: Арон Орбан осомничен за трговија со луѓе
Арон Орбан, брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, е приведен во истрага за трговија со луѓе и сомневања за злоупотреба на визи.

Братот на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе, објави актуелниот премиер Петер Маѓар, повикувајќи се на медиумски информации. Унгарската полиција потврди дека спроведува апсења и претреси на повеќе локации во Будимпешта и округот Пешта во рамки на истрага за трговија со луѓе. Во операцијата се вклучени Националното биро за истраги и Националната канцеларија за враќање и заштита на средства.
Истрага за сомнителна шема со шенген-визи
Според унгарскиот портал „Kontrol“, операцијата е наречена „Чистење на пожарот“, а истражителите наводно го проверуваат бизнисот поврзан со Арон Орбан. Медиумите претходно објавија сомневања за шема во која виетнамски државјани биле запишувани на дводневен курс за прва помош и спасување животи на Универзитетот во Печ. Според наводите, курсот им служел како покритие за полесно добивање шенген-визи и влез во Европската Унија. Унгарските власти најавиле дека дополнителни информации за истрагата ќе бидат објавени во текот на попладнето.
Виктор Орбан: Мојот брат е само алатка
Поранешниот премиер Виктор Орбан реагираше на случајот, оценувајќи дека станува збор за политичка пресметка во која тој е вистинската цел. „Јас сум целта, мојот брат е само алатка“, напиша Орбан, обвинувајќи ги актуелните власти дека користат институции за елиминирање на политички противници. Случајот се случува во период на политички тензии во Унгарија, откако минатата недела беа отворени дел од архивите на тајната полиција од комунистичкиот период. Орбан претходно објави документи за кои тврди дека покажуваат оти комунистичките власти се обиделе да го регрутираат како соработник за време на неговото служење воен рок во 1980-тите години, но дека тој одбил.

