Спорт
Дознај прв
ЛИНА ЃОРЧЕСКА ЌЕ ИГРА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА УС ОПЕН: Нова шанса за настап на гранслем-сцената
Лина Ѓорческа се најде на листата за квалификациите на УС Опен и ќе се обиде да обезбеди втор последователен настап на главен гранслем-турнир.

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ќе учествува во квалификациите за Отвореното првенство на САД. Таа се најде на листата на пријавени тенисерки за последниот гранслем-турнир во сезоната, кој традиционално се игра во Њујорк.
До главниот турнир преку квалификациите
Ѓорческа во моментов се наоѓа на 214-тото место на ВТА-листата и ќе мора да го обезбеди настапот во главната фаза преку квалификацискиот турнир. Организаторите ги објавија листите на учеснички, а тенисерките рангирани од 103-тото место надолу ќе играат квалификации, освен оние што ќе добијат специјална покана. За пласман во главниот турнир, македонската тенисерка ќе треба успешно да ги помине сите три квалификациски кола.
По историскиот настап на Вимблдон
Ѓорческа минатиот месец го постигна најголемиот успех во кариерата, откако ги мина трите квалификациски рунди на Вимблдон и првпат обезбеди пласман во главната фаза на еден гранслем. Во првото коло беше поразена од американската тенисерка Аманда Анисимова, која настапи како шеста носителка. И покрај поразот, учеството на Вимблдон претставува историски резултат за македонскиот женски тенис. Сега Ѓорческа ќе се обиде да го повтори успехот и да обезбеди уште еден настап меѓу најдобрите, овојпат на терените во Њујорк.
