Македонија

МАКЕДОНИЈА ПОД ЦРВЕН АЛАРМ: Нов топлотен бран со температури до 42 степени

Македонија влегува во нов топлотен бран, со температури над 40 и до 42 степени. Лекарите апелираат на внимателност и редовна хидратација.

МАКЕДОНИЈА ПОД ЦРВЕН АЛАРМ: Нов топлотен бран со температури до 42 степени

Македонија влегува во нов топлотен бран, а метеоролозите најавуваат сончево и многу топло време до крајот на следната недела. Од среда се очекува дополнително зголемување на температурите, при што на одделни места тие ќе надминат 40 и ќе достигнат до 42 степени. Лекарите апелираат граѓаните да избегнуваат подолго изложување на сонце и редовно да внесуваат течности.

Физичка активност само во утринските часови

Посебно внимателни треба да бидат хронично болните лица, повозрасните и земјоделците кои работат на отворено. Лекарите препорачуваат движењето и физичката активност да бидат ограничени на утринските часови, а во периодот на највисоките температури да не се извршува тешка физичка или земјоделска работа. Се советува и избегнување големи температурни разлики меѓу климатизираните простории и надворешната средина, додека водата е најдобро да се пие на собна температура.

Зголемен ризик од труење со храна

Од Агенцијата за храна и ветеринарство предупредуваат дека високите температури го зголемуваат и ризикот од труење со храна. Месото, млекото и јајцата не треба долго да се оставаат во автомобили, а разладените производи треба да се чуваат на температура пониска од пет степени. Во објектите за брза храна се препорачува внимателност со мајонезот, сосовите и крем-салатите, особено доколку не се чуваат во соодветни ладилници.

ОЗНАКИ: МЕТЕО