Хроника
Дознај прв
МВР И ФБИ РАЗБИЈАА НЕЛЕГАЛЕН ОНЛАЈН ПАЗАР: Кривична пријава против 20-годишник од Голема Речица
МВР и ФБИ открија администратор на нелегалниот пазар OLVX, каде биле понудени над 1.500 украдени пристапни акредитиви. Кривична пријава против 20-годишник од Тетовско.

Министерството за внатрешни работи и Федералното истражно биро (ФБИ) спровеле заедничка координирана истрага со која бил откриен администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“, преку кој се продавале украдени лични податоци, пристапни лозинки и алатки за компјутерски криминал. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против 20-годишниот Е.А. од Голема Речица, тетовско. Тој е осомничен за „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Според истрагата, осомничениот во периодот од 2023 до 2025 година администрирал домени и веб-страници поврзани со платформата „OLVX“, на која биле понудени повеќе од 1.500 украдени пристапни акредитиви.
Преку Телеграм нудел алатки за компјутерски криминал
Истрагата утврдила дека од 2025 до 2026 година осомничениот администрирал и нелегална група под името „ONEMILI“ на апликацијата Телеграм, преку која се нуделе услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал. Дополнително, според МВР, биле обезбедени докази дека преку истата апликација набавувал и поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Прва заедничка сајбер-операција на МВР и ФБИ
Од МВР информираат дека станува збор за прва заедничка координирана сајбер-операција меѓу македонската полиција и ФБИ, која ја потврдува важноста на меѓународната соработка во борбата против транснационалниот компјутерски криминал. Истрагата започнала по добиени информации од ФБИ, по што следувале координирани активности за откривање на криминалните активности поврзани со платформата. Од Министерството посочуваат дека продолжуваат со активности за заштита на личните податоци и безбедноста на граѓаните во дигиталниот простор.
