Македонија
Дознај прв
НИКОЛА ЈАНКУЛОВСКИ Е НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА: Избран со апсолутно мнозинство и четиригодишен мандат
Професорот Никола Јанкуловски е избран со апсолутно мнозинство за претседател на Лекарската комора со четиригодишен мандат. Најави поголема транспарентност и соработка меѓу лекарите.

Професорот Никола Јанкуловски е избран за нов претседател на Лекарската комора на Македонија, со апсолутно мнозинство гласови. Тој беше единствен кандидат за функцијата, која ќе ја извршува во наредните четири години. Јанкуловски најави дека ќе се залага за поголемо етаблирање на Комората на домашно и меѓународно ниво, како и за поголема транспарентност и отчетност во нејзиното работење. Посочи дека Комората треба да има поактивна и поуспешна советодавна улога во државата, особено при донесувањето на законите од областа на здравството.
Јанкуловски најави поголема соработка меѓу лекарите
Новиот претседател посебно ја истакна потребата од поврзување на поискусните лекари со помладите генерации, со цел знаењето и искуството да се пренесуваат и да се создаваат кадри подготвени за предизвиците во здравството. „Да дојде до едно поинтензивно спојување помеѓу лекарите кои се постари, со поголемо искуство, да можат да го пренесат своето искуство на помладите“, изјави Јанкуловски.
Избрани и тројца потпретседатели
На седницата делегатите избраа и тројца потпретседатели, кои ќе ги претставуваат примарното, секундарното и терциерното здравство. Беа избрани и членови на повеќе органи и комисии на Лекарската комора. Претседателскиот мандат трае четири години.

