Македонија

Обвинетиот за палење на возилата пред Бугарската амбасада, пресудата ќе ја слушне во среда

Психијатарот на судењето откри што го мотивирало 44-годишниот обвинет да ги запали автомобилите на бугарската амбасада. Пресудата ќе биде соопштена во среда.

Обвинетиот за палење на возилата пред Бугарската амбасада, пресудата ќе ја слушне во среда
фото - сител

Информациите за наводно непрописно паркирани возила биле причината поради која 44-годишниот Игор Дашковски ги запалил дипломатските автомобили на бугарската амбасада. Ова денеска во судницата го посочи психијатарот Александар Марцикиќ, кој го анализирал менталното здравје на обвинетиот. Според неговото вештачење, кај Дашковски биле утврдени емоционална и социјална незрелост, поради кои тешко ги доживувал неправдите и се сметал себеси за жртва на системот.

Обвинетиот се извини и се покаја за делото

На судењето присуствувал и бугарскиот конзул Димитар Грозданов, кој побарал обвинетиот да ја надомести причинетата штета, проценета на повеќе од 3.000 евра. Дашковски во завршниот збор повторно изразил каење, се извинил на амбасадата и на Република Бугарија и ветил дека никогаш повеќе нема да го повтори делото.

Во среда ќе ја слушне пресудата

Обвинетиот се товари дека во јуни, околу пладне, ги полил со бензин двете дипломатски возила и ги запалил, со што сторил кривични дела предизвикување општа опасност и загрозување на лица под меѓународна заштита. Психијатарот посочил дека Дашковски има потреба од редовни психотерапевтски третмани, кои би се спроведувале преку центрите за социјална работа или психолошките кабинети во здравствените установи. Пресудата за случајот се очекува да биде соопштена во среда.

извор – сител

 

Жан Митрев