Регион
Дознај прв
ПЛАНИНАТА ОЛИМП ВЛЕЗЕ НА ЛИСТАТА НА УНЕСКО: „Домот на боговите“ стана наследство на целото човештво
Планината Олимп во Грција е впишана на листата на светско наследство на УНЕСКО по едногласна одлука на Комитетот во Бусан.

Планината Олимп, највисоката планина во Грција и митскиот дом на античките грчки богови, е впишана на листата на светско наследство на УНЕСКО. Одлуката била донесена едногласно на 48. седница на Комитетот за светско наследство, одржана во Бусан, Јужна Кореја. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис порача дека Олимп отсега станува „планина на целото човештво“.
Повеќе од 2.000 растителни видови
На листата е вклучена пошироката област на Олимп, чиј највисок врв се издига на 2.914 метри надморска височина. Планината се смета за една од областите со најбогат биодиверзитет во Европа и е дом на повеќе од 2.000 растителни видови. Десетици од нив не можат да се најдат на ниту едно друго место во светот, а регионот е познат и по својата ретка фауна.
„Домот“ на дванаесетте богови
Олимп има големо значење и за светското културно наследство, бидејќи во делата на Хомер е опишан како вечно живеалиште на дванаесетте антички грчки богови. Грчката министерка за култура Лина Мендони оцени дека признанието ја потврдува посветеноста на земјата кон заштитата и одржливото управување со природното и културното наследство. Со впишувањето, Олимп им се придружи на традиционалните села Загори и на античките минојски палати на Крит, кои претходно беа внесени на листата на УНЕСКО.
