Свет
Дознај прв
СÈ ПОВЕЌЕ ГЕРМАНЦИ НЕ САКААТ ДА СЛУЖАТ ВОЈСКА: Нагло пораснал бројот на барања за ослободување
Во Германија нагло пораснал бројот на барања за ослободување од воена служба – за само шест месеци биле поднесени 5.862 барања.

Сè поголем број германски граѓани поднесуваат барања за ослободување од воена служба поради приговор на совеста. Во првите шест месеци од годинава биле примени 5.862 барања, што е значително повеќе од вкупно 3.879 барања во текот на минатата година.
Бројот на барања расте трета година по ред
Во 2024 година биле поднесени 2.249 барања, што покажува нагорен тренд во изминатиот период. Наглото зголемување се поврзува со новиот закон за воена регистрација, кој стапи во сила на почетокот на годинава и предвидува регистрација на сите мажи од една генерација.
Регистрираните лица треба да се изјаснат дали се подготвени да служат во германската војска. Доколку на доброволна основа не се обезбедат доволно регрути, Бундестагот би можел да активира дополнителни мерки за пополнување на потребниот број војници, иако тие сè уште не се прецизно дефинирани.
Германија сака повеќе доброволни регрути
Според германскиот устав, никој не може да биде принуден да служи со оружје доколку тоа е спротивно на неговите уверувања. Зголемениот број барања се поврзува и со безбедносната состојба во Европа по руската инвазија врз Украина.
Германија паралелно спроведува програма за зајакнување на одбранбените капацитети и зголемување на бројот на припадници на Бундесверот. Целта на Министерството за одбрана е годишно да бидат регрутирани меѓу 15.000 и 20.000 доброволци.
