Македонија

ШЕКЕРИНСКА СО ПОВИК ДО ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ: Македонија не смее да ги пропушти шансите за ЕУ

Радмила Шекеринска порача дека Македонија треба да ги создава и искористува своите шанси за напредок, со домашен договор и поддршка од ЕУ.

ШЕКЕРИНСКА СО ПОВИК ДО ДОМАШНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ: Македонија не смее да ги пропушти шансите за ЕУ

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, порача дека Македонија не смее да ги пропушти можностите за напредок на европскиот пат. Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, таа оцени дека успехот што земјата го постигнала со членството во НАТО треба да биде потсетување и охрабрување дека проблемите мора да се решаваат, а темите за кои постои домашен договор треба да се придвижуваат. Според неа, Македонија треба да бара поддршка од Брисел и од колегите во ЕУ, но најнапред е потребно да постои договор меѓу самите нас.

Шекеринска: „Сакам да ги создаваме и да ги водиме нашите шанси“

„Кога ќе се сетам на периодот од 2001, 2000, 2006 година, имаше држави кои беа зад нас, имаше земји кои што не ги искористија своите шанси, но не сакам да бидеме во тие. Сакам да ги создаваме и да ги водиме нашите шанси кон позитивен резултат“, изјави Шекеринска. Таа додаде дека оддалечувањето од домашната политичка арена овозможило појасно да се согледаат слабостите на македонското општество.

Потребни се договори за долгорочните прашања

Како најголем проблем таа ја посочи изразената склоност кон критикување на другите и попустливоста кон сопствените постапки. Шекеринска нагласи дека за одредени прашања мора да има конфронтација и расправа, но дека за долгорочните теми е потребно повремено да се постигне согласност. Според неа, тоа не е предавство, попуштање или компромис што треба да се доживува како срам, туку начин за заедничко придвижување на државата напред.

Жан Митрев