Магазин
Дознај прв
СКОПЈЕ ГО ОДБЕЛЕЖА 13 НОЕМВРИ: Ѓорѓиевски им додели признанија на годинешните добитници
Со свечена манифестација и доделување на наградите „13 Ноември“, Скопје ја одбележа 82-годишнината од ослободувањето.

Градот Скопје синоќа со свечена манифестација го одбележа 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, а во рамките на настанот беа доделени и признанијата на годинешните добитници на наградата „13 Ноември“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски им ги врачи признанијата на наградените, истакнувајќи дека нивното знаење, творештво, труд и човечност го збогатуваат градот и го издигнуваат неговиот углед.
82 години од ослободувањето на Скопје
Во своето обраќање, Ѓорѓиевски потсети на борбата на генерациите кои пред 82 години се избориле за слободно Скопје. Тој порача дека слободата што денес ја живеат граѓаните била платена со најскапоценото – животите на ослободителите, нагласувајќи дека нивната жртва не смее да биде заборавена. Градоначалникот им се заблагодари на добитниците за нивниот придонес и порача дека признанието треба да го носат со гордост.
Најава за современо, зелено и безбедно Скопје
Ѓорѓиевски истакна дека борбата за подобра иднина на градот продолжува преку реализација на проекти и исполнување на обврските кон граѓаните. Како приоритети ги посочи изградбата на современо, зелено и безбедно Скопје, во кое секое населено место ќе добие внимание, а секој човек заслужен почит. Тој порача дека делата треба да покажат дека Скопје е достојно за слободата што ја оставиле ослободителите.

