Македонија
Дознај прв
СОБРАНИЕТО ОДЛУЧИ: Мери Дика Георгиевска избрана за нова уставна судијка
Собранието со 64 гласа „за“ ја избра Мери Дика Георгиевска за нова судијка на Уставниот суд, по што таа даде свечена заклетва.

Собранието ја избра Мери Дика Георгиевска за нова судијка на Уставниот суд. За нејзиниот избор на 97. собраниска седница гласаа 64 пратеници, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“. По гласањето, Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците и официјално ја презеде функцијата.
Забелешки за грешки во биографијата
Пред гласањето, пратеникот Сали Мурати од „Европскиот фронт“ посочи дека во доставената биографија на кандидатката има хронолошки и административни несогласувања. Тој побара точката да биде повлечена и на пратениците да им бидат доставени исправени документи и докази за нејзиното образование и работен стаж. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, рече дека станува збор за очигледна техничка грешка, која веќе била исправена во Советот, но исправката не била доставена до Собранието.
Уставниот суд повторно останува некомплетиран
Георгиевска досега ја извршуваше функцијата претседателка на Апелацискиот суд Скопје, а Судскиот совет ја утврди како кандидатка за уставна судијка на 25 март 2026 година. Нејзиниот избор неколкупати беше одложуван во Собранието поради отсуство на претставник од Судскиот совет кој требало да го образложи предлогот. И покрај нејзиниот избор, Уставниот суд повторно останува со непополнет состав, откако судијата Гоце Наумовски поднесе неотповиклива оставка.
