Македонија
Дознај прв
СТАБИЛИЗАЦИЈА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД КАЈ БОТУН: Арматурни кафези тешки по 30 тони се поставуваат на длабочина до 28 метри
На трасата на автопатот Кичево-Охрид кај Ботун се поставуваат арматурни кафези тешки по 30 тони на длабочина до 28 метри за стабилизација на земјиштето.

Специјална техника за нестабилното земјиште
На делницата кај селото Ботун од автопатот Кичево-Охрид се применува специјална техника за стабилизација на земјиштето, со која под земја се создава цврста конструкција за обезбедување на стабилноста на основата на автопатот. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски денеска изврши увид во работите заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. Николоски објасни дека станува збор за исклучително нестабилно земјиште, дополнително оптоварено со присуство на вода.
Конструкции на 250 места, 163 кај Ботун
Во работите се ангажирани машини тешки по 130 тони, кои навлегуваат во земјата од 20 до 28 метри. Во земјата се поставуваат арматурни кафези тешки околу 30 тони, кои потоа се полнат со бетон, а меѓу нив се поставуваат цевки и челични јажиња за да се создаде стабилна подземна конструкција. Вакви решенија треба да бидат применети на вкупно 250 места на автопатот, од кои 163 се кај Ботун.
Според најавите, во следните два месеци треба да биде пуштен во употреба и делот со тунелите кај Пресека, а до првата половина на следната година се очекува целиот автопат Кичево-Охрид да биде ставен во функција. Од вкупно 57 километри, досега се изградени 37 километри, од кои 34 километри се во употреба.

