Македонија

(ВИДЕО) МИЦКОСКИ ОД ОН: Не бараме полесен пат, бараме пат уреден со правила

Мицкоски од ОН порача дека евроинтеграцијата на Македонија трае надвор од разумен рок и побара еднакви и предвидливи правила.

(ВИДЕО) МИЦКОСКИ ОД ОН: Не бараме полесен пат, бараме пат уреден со правила

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред 81. Генерално собрание на Обединетите нации порача дека евроинтеграцијата на Македонија трае надвор од секој разумен рок и дека правилата мора еднакво да важат за малите и големите држави. Тој истакна дека Македонија направила тешки компромиси во име на мирот, соработката и европската интеграција, но дека довербата не може бесконечно да биде еднострана обврска. Мицкоски порача дека земјата нема да ја префрла одговорноста на Брисел, туку ќе продолжи да работи на владеењето на правото, поефикасните институции и поконкурентната економија. Во исто време, тој побара европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, без билатералните прашања постојано да ја поместуваат целта.

Правилата мора да обезбедат предвидливост

Мицкоски порача дека ако од малите држави се очекува да ги почитуваат правилата, тогаш тие правила мора да им обезбедат предвидливост. Според него, исполнувањето на поставените критериуми треба да води кон напредок во процесот на членство, а преземените обврски мора да имаат трајна вредност. „Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди“, порача премиерот.

Повик за еднакви правила

Во говорот тој се осврна и на поновата историја на Македонија, нагласувајќи дека земјата донела тешки одлуки и правела компромиси во име на мирот, стабилноста и интеграцијата. Мицкоски порача дека меѓународните правила треба да важат подеднакво и дека преземените обврски не треба да зависат од промените во односот на силите. Тој истакна дека Македонија останува посветена на европската интеграција, но очекува процесот да биде предвидлив и заснован на јасни правила.