Хроника
Дознај прв
„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ДОБИ МЕЃУНАРОДНО ПРИЗНАНИЕ ВО ДУБАИ: Македонскиот проект избран пред полициите на Сингапур и Абу Даби
Македонскиот проект „Безбеден град“ доби признание за сообраќајна безбедност во Дубаи, во конкуренција со полициски служби од Сингапур, Абу Даби и Индија.

Македонскиот проект „Безбеден град“ доби меѓународно признание во категоријата за сообраќајна безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, македонската кандидатура била избрана меѓу пет финалисти, во конкуренција со полициите на Сингапур и Абу Даби, Управата за патишта и транспорт на Дубаи и полициската служба од индиската сојузна држава Махараштра. Годинава за наградите на самитот пристигнале повеќе од 700 номинации од над 60 држави, распоредени во 13 категории.
Македонија избрана во конкуренција во Дубаи со светски полициски служби
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека признанието е резултат на законски промени, поврзување на институциите и воведување дигитален процес за доследна примена на сообраќајните правила. Тој посочи дека во периодот од февруари до октомври годинава на македонските патишта има 34 загинати лица помалку во споредба со истиот период лани, што претставува намалување од 31,5 проценти. Според Тошковски, во постигнатиот резултат придонеле „Безбеден град“, полициските контроли, законските измени и превентивните мерки.
Признанието официјално ќе биде доделено на 18 ноември
Тошковски им се заблагодари на полициските службеници, правните и техничките тимови, како и на граѓаните кои придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот. Тој нагласи дека признанието е поттик за продолжување на активностите и подобрување на безбедноста на патиштата. Официјалното доделување на наградата ќе се одржи на 18 ноември 2026 година во Дубаи, во рамки на Светскиот полициски самит.

