Економија

СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ЗА 2026 ГОДИНА: Обезбедени пари за плати, пензии и социјални надоместоци

Собранието го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Дефицитот останува 46,3 милијарди денари, а се обезбедуваат дополнителни средства за социјална и здравствена заштита.

СОБРАНИЕТО ГО УСВОИ РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ ЗА 2026 ГОДИНА: Обезбедени пари за плати, пензии и социјални надоместоци

Собранието денеска го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се врши корекција на приходите и расходите, додека буџетскиот дефицит останува непроменет. Според новите проекции, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, што е намалување за околу 5,3 милијарди денари, а расходите се проектирани на 420,5 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

Обезбедени средства за плати, пензии и социјална помош

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го ребалансот пред пратениците, истакна дека целта е да се зачува економската стабилност и да се обезбеди финансирање на сите државни обврски до крајот на годината. Таа посочи дека се обезбедени средства за плати, пензии, социјални надоместоци, обврски кон стопанството и отплата на долговите што доспеваат. Намалувањето на расходите се однесува на ставките за стоки и услуги и субвенции, со цел порационално трошење и пренасочување средства кон најранливите категории и здравствените услуги.

Дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци, како и 887 милиони денари повеќе за здравствена заштита. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се предвидени дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливите категории, социјалната помош, народните кујни и социјалните услуги, како и 600 милиони денари за редовна исплата на породилните надоместоци. Капиталните расходи се проектирани на 40,1 милијарда денари, наменети за инвестиции во одбраната, патната и железничката инфраструктура, енергетската ефикасност, образованието, земјоделството и локалните инфраструктурни проекти.

Жан Митрев