Македонија
Дознај прв
РАСТЕ ПОДДРШКАТА ЗА ВОВДУВАЊЕ НА ЕЛЕКТРОНСКA НАРАКВИЦA ЗА НАСИЛНИЦИТЕ: По трагедијата во Богданци повторно се актуелизира законската иницијатива
Повеќе од 15.000 граѓани ја поддржаа иницијативата за електронски нараквици за насилниците. Законот повторно треба да се најде пред пратениците.

Повеќе од 15.000 граѓани ја поддржаа електронската петиција за воведување електронски нараквици за насилниците кои имаат судска забрана за приближување до жртвите. Иницијативата повторно доби на актуелност по фемицидот на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци, како и убиството на Росица Коцева од Велес. Предлог-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство треба повторно да се најде пред пратениците, откако претходно двапати не доби поддршка.
Нараквица што ќе алармира при приближување до жртвата
Со предложените законски измени се предвидува лицата со судска забрана за приближување да носат електронска нараквица за следење. Системот треба автоматски да ја предупреди жртвата и да ги алармира надлежните институции доколку насилникот се приближи поблиску од законски дозволеното растојание. Лидерот на ЛДП, Моника Зајкова, смета дека нема оправдување законот да не се донесе поради финансиски причини, бидејќи, како што вели, тој може да спаси животи.
Зајкова бара законот да биде донесен
Зајкова посочува дека прашањата за имплементацијата, потребните средства и обуките треба да се решаваат откако законското решение ќе биде усвоено. Идејата повторно се актуелизираше по трагедијата во Богданци, каде 17-годишната Билјана Кириќ беше убиена од партнерот, и покрај претходно изречените судски мерки. Претходно, во Велес, беше убиена и 31-годишната Росица Коцева, која исто така претходно пријавувала насилство во полиција.

