Македонија
Дознај прв
(ВИДЕО) ТРАГЕДИЈА ВО БУГАРИЈА: Најмалку 11 загинати и 48 повредени во верижни судири со над 70 возила на автопатот „Тракија“
Најмалку 11 загинати и 48 повредени во две верижни несреќи со над 70 возила на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Автопатот е затворен во двата правца.

Најмалку 11 лица загинаа, а 48 се повредени во две тешки верижни сообраќајни несреќи што утрово се случија на автопатот „Тракија“ во југоисточна Бугарија. Во судирите учествувале повеќе од 70 возила, меѓу кои автомобили, камиони, автобуси и комбиња, а локалните медиуми јавуваат дека бројот на загинати би можел да биде и 12. Несреќите се случиле во услови на густа магла и влажен коловоз, поради што видливоста на одредени делници била намалена на околу 30 метри.
Спасувачите сечеле автомобили за да ги извлечат повредените
Според информациите од бугарските власти, првата несреќа била пријавена околу 7:10 часот, на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас, а набргу потоа се случил и втор судир во спротивната насока, кон Софија. Во болницата во Јамбол биле примени 11 повредени лица во тешка состојба, од кои седуммина имале посериозни повреди, а тројца скршеници на екстремитетите. Спасувачките екипи морале да ја сечат каросеријата на дел од автомобилите за да ги извлечат заглавените патници. На местото постојано пристигнувале амбулантни возила, а биле активирани и полицијата, итните служби и армијата.
Автопатот „Тракија“ затворен во двата правца
Еден од учесниците во несреќата за бугарската телевизија „Нова“ сведочел дека видливоста поради маглата била најмногу 30 метри, а по судирот се запалил и автомобил. Медицински хеликоптер од Сливен првично не успеал да слета на местото на несреќите. Автопатот „Тракија“ е затворен во двата правца, а сообраќајот се пренасочува преку Карнобат, Петолачката, Сливен и Крушаре. На делницата од 288. километар до клучката „Кабиле“ се формирала долга колона возила.

