Регион

ВТОР СЛУЧАЈ НА КАСНУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА: Рибата-зајак повторно ги вознемири туристите

Рибата-зајак во Грција повторно ги вознемири туристите, откако е регистриран втор случај на каснување, овојпат на плажа во Патра.

ВТОР СЛУЧАЈ НА КАСНУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА: Рибата-зајак повторно ги вознемири туристите

Стравот од опасната риба-зајак повторно се шири меѓу туристите во Грција, откако е регистриран втор случај на каснување ова лето.

Според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми, 64-годишна жена била касната додека се капела на плажа во Патра. Таа почувствувала силен удар и болка, а подоцна рибата ја опишала како суштество со „глава како зајак“.

Станува збор за инвазивниот вид Lagocephalus sceleratus, познат и како сребренообразен фугу, кој во последниот период сè почесто се забележува во Средоземното Море.

Жената била касната во пределот на вратот, по што веднаш била повикана помош. Таа била пренесена во здравствена установа, каде лекарите ја третирале раната, ѝ дале вакцина против тетанус и антибиотска терапија.

Ова е втор ваков случај за краток период. Пред една недела, друга жена била касната за глуждот од истата риба во Пефкохори.

Експертите предупредуваат дека рибата-зајак содржи силен токсин и не смее да се консумира доколку не е правилно обработена. Иако не напаѓа без причина, нејзиниот угриз може да предизвика сериозни повреди.

Капачите, нуркачите и рибарите се повикуваат на внимателност. Доколку забележат или случајно уловат ваква риба, се препорачува да не ја допираат со голи раце и да не ја консумираат.