Македонија

ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА: 43 случаи во Македонија, вирусот првпат потврден и кај мртов гарван во Скопје

Во Македонија има 43 случаи на западнонилска треска, а вирусот првпат е потврден и кај мртов гарван во Скопје. 13 подрачја се со висок ризик.

ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА: 43 случаи во Македонија, вирусот првпат потврден и кај мртов гарван во Скопје

Регистрирани случаи и во Центар и Чаир

Во Македонија досега се регистрирани 43 случаи на западнонилска треска, од кои 40 се лабораториски потврдени, а кај уште три лица вирусот е потврден со еден тест. Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека за првпат случаи се регистрирани и во скопските општини Центар и Чаир. Дополнителна загриженост предизвикува и потврдата на вирусот кај мртов гарван во Скопје, што е прв регистриран случај на позитивна мртва птица во земјава. Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство добила голем број дојави за мртви птици, кои се собираат и се испитуваат. Надлежните здравствени власти во меѓувреме направиле мапирање на подрачјата со зголемен ризик од ширење на вирусот.

13 подрачја се со висок ризик

Според Клековски, моментално се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се категоризирани како високо ризични. Најголем ризик претставуваат застоените води, особено оние во кои има отпад, како и каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите и „мртвите“ делови од реките. Како критични точки се издвоени Серава во подрачјето на Арачиново и Бутел, каналите во Јурумлери, како и каналите во Драчево, Батинци и Студеничани. Зголемен ризик е утврден и во околината на септичките јами и гробиштата, каде што постојат услови за размножување на комарците.