Македонија

23 ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Еден сè уште активен, два под контрола, изгаснати 20

ЦУК информира дека во Македонија се регистрирани 23 пожари на отворено. Еден е активен, два се под контрола, а 20 се целосно изгаснати.

23 ПОЖАРИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Еден сè уште активен, два под контрола, изгаснати 20

Во текот на изминатиот период на територијата на Македонија биле евидентирани вкупно 23 пожари на отворено, покажува утринскиот пресек на Центарот за управување со кризи до 7:30 часот.

Најголемиот дел од пожарите веќе се изгаснати. Од вкупниот број, 20 жаришта се целосно ликвидирани, две се под контрола, додека едно сè уште е активно.

Огнот и натаму е активен во реонот на Стојанова Населба, кај селото Грешница во Општина Македонски Брод. Таму се зафатени ниска вегетација, грмушки и деградирана шума.

Под контрола се пожарите на депонијата во Делчево и кај гостиварското село Паталишта, каде што пламените зафатиле ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Меѓу изгаснатите пожари се оние во Моноспитово, Севенендекли, меѓу Селимли и Стојаково, покрај автопатот Гостивар – Тетово, како и во Фалиште и Теново.

Пожари биле локализирани и изгаснати и на повеќе локации во Скопско, меѓу кои на улицата „Перо Наков“, во населбата Гоце Делчев, како и во Кондово.

Целосно се изгаснати и жариштата во Дуброво, Крупиште, Караорман, Уларци, Ново и Старо Коњарево, Блато и во атарот на Врбјани.

На списокот на ликвидирани пожари се и оние во Долна Белица, Ореовец, Лопате, меѓу Селце и Ларце, како и во Бело Поле.