Македонија
Дознај прв
ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ НАЈАВИ, ВО АВГУСТ СТАРТУВА СКОПЈЕ–БЛАЦЕ: Обезбедени 198,4 милиони евра за автопатот
Автопат Скопје-Блаце стартува во август. Обезбедени се 198,4 милиони евра за проектот кој ќе се гради околу четири години.

Изградбата на долгоочекуваниот автопат Скопје–Блаце треба да започне во август, откако е затворена финансиската конструкција за проектот вреден 198,4 милиони евра.
Договорот е потпишан меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој. Од вкупната сума, 30,8 милиони евра се грант од Европската Унија преку Рамката за инвестиции за Западен Балкан, додека 167,6 милиони евра се заем од ЕБОР.
Станува збор за изградба на 10,5 километри автопат од клучката кај Стенковец до граничниот премин Блаце. Со веќе изградените околу 1,5 километри, вкупната должина на автопатот ќе изнесува 12 километри.
Новиот автопат ќе има по две сообраќајни ленти во секој правец, ленти за принудно запирање, а вкупната ширина ќе биде 27 метри. Проектот се смета за еден од најсложените инфраструктурни зафати во земјата, бидејќи трасата минува низ ридско-планинскиот масив на Скопска Црна Гора.
Предвидена е изградба на пет тунели со по две цевки, девет мостови, 11 надвозници, четири галерии за стабилизација на косините и девет потпорни ѕидови. Според најавите, изградбата треба да трае приближно четири години.
Автопатот Скопје–Блаце е дел од важниот патен коридор што ја поврзува Македонија со Косово, а понатаму и со Црна Гора, Албанија и Србија. Со неговата изградба се очекува побезбеден сообраќај, пократко време на патување и подобра регионална поврзаност.
