Македонија
Дознај прв
НОВИ СОДРЖИНИ НА ПЕЛИСТЕР: Се обновува Видиковецот, нови атракции на Јоргов Камен и Црвени Стени
Започна обновата на Видиковецот на Пелистер, а нови содржини ќе бидат поставени и на Јоргов Камен и Црвени Стени.

ЈУНП „Пелистер“ во соработка со Ротари клубот „Битола Широк Сокак“ започна активности за обновување на Видиковецот, кој се наоѓа на надморска височина од 2.000 метри. Покрај обновата, во претстојниот период се планира поставување нови содржини на локациите Јоргов Камен (1.744 метри) и Црвени Стени (1.788 метри). Станува збор за едни од најпосетуваните места во Националниот парк „Пелистер“, кои се поврзани со планински патеки со вкупна должина од над 30 километри. Од Националниот парк велат дека новите содржини ќе ја зголемат атрактивноста на локациите, без да се наруши природниот пејзаж.
Нови содржини на Пелистер на три популарни планински локации
Активностите ќе се реализираат во зависност од временските и теренските услови, а целта е дополнително да се унапреди туристичката понуда на Пелистер. Обновата на Видиковецот и новите содржини на Јоргов Камен и Црвени Стени треба да им понудат дополнителни можности на планинарите и посетителите.
Партнерство за заштита и промоција на природата
Од ЈУНП „Пелистер“ ја оценуваат соработката со Ротари клубот „Битола Широк Сокак“ како значајна, посочувајќи дека заштитата и промоцијата на природата се заедничка одговорност. Нагласуваат дека зачувувањето на природните вредности и развојот на туризмот треба да се реализираат преку конкретни активности. „Пелистер и понатаму останува симбол на обединување за сите нас кои ја сакаме Битола и Македонија“, порачуваат од Националниот парк.
